Адвокатите на Заев: Барањето за техничка влада е чисто политичко барање, а не загрозување на безбедноста

Неиздржано обвинение во коешто нема никакви докази за кривичните дела, осомничени кои се товарат за комуникација со странски служби, а не е се знае со кои странски служби, политички барања кои се оквалификувани како обид за загрозување на Уставниот поредок на земјата и безбедноста на државата, се дел од приговорите на адвокатите на обвинетите во случајот „Пуч“, во којшто осомничен е и лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

Адвокатот на Заев и на другите обвинети, Филип Медарски, повеќе од еден час пред Советот за оцена на обвинителниот акт за случајот „Пуч“ образложуваше зошто обвинението против осомничените, според него, е неиздржано и Советот треба да го одбие, пренесува „Макфакс“.

На јавната седница не присуствуваше лидерот на СДСМ, кој, како што објаснија адвокатите, не можел да дојде „поради службени обврски“.

Во овој случај единствено Заев кој е четвртоосомничен, од вкупно петмина осомничени, не е во притвор, а се товари за обид за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Според обвинението, Заев делувал со намера да го загрози Уставниот поредок и безбедноста на државата. Барањето за формирање на техничка влада, според Медарски, е чисто политичко барање на опозицијата и со ништо не го загрозува државниот поредок.

„Дали барањето за промената на составот на Владата и формирање техничка влада и барањето за предвремени парламентарни избори значи загрозување на Уставниот поредок и безбедноста на државата? Од осамостојувањето на Македонија се одржале повеќе парламентарни избори и имало техничка влада, и тоа не значело загрозување на Уставниот поредок. Се работи за чисто политичко барање на опозицијата“, рече Медарски.

Заканите дека доколку не се формира техничка влада Заев ќе објави компромитирачки материјали за премиерот Никола Груевски, според Медарски, не може да се квалификуваат како сериозни закани, бидејќи вакви закани во политиката „се користат постојано“, и не била употребена никаква сила кон лицето кон кое била упатена заканата.

„Овие политички барања не се упатувани кон Никола Груевски како премиер, туку како лидер на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ“, рече Медарски.

Тој побара да се издвојат доказите обезбедени преку Посебни истражни мерки, односно следењето на комуникациите на осомничениот Заев, како и разговорите и комуникацијата меѓу осомничениот и Заев како и снимките од разговорите меѓу Заев и Груевски, во Кабинетот на премиерот коишто беа објавени јавно.

Според Медарски, Заев бил незаконски прислушуван бидејќи за прислушувањето немало наредба од судија од Врховниот суд. Според Законот, како што објасни Медарски, за вакво кривично дело наредба за следење на комуникациите треба да побара Министерот за внатрешни работи или лице овластено од него. Тоа барање се поднесува до Јавното обвинителство, а за следењето, наредба треба да даде судија од Врховниот суд. Според Медарски, ваква наредба за Заев не постоела.

Првоосомничен во случајот „Пуч“ е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи.

Според обвинението, Звонко Костовски, вработен во Министерството за внатрешни работи, кој се спогоди со обвинителството и е веќе осуден за ова дело, по барање на Ѓорѓи Лазаревски, техничар во УБК и Верушевски, вметнувал телефонски броеви на повеќе лица во постоечкиот систем за следење на комуникациите.

„Звонко Костовски немал фактичка можност за внесување на телефонски броеви без системот да алармира за тоа. Дали во системот има трага за вметнувањето на броевите. Што бил предметот на тоа прислушување, колку лица биле неовластено прислушувани?“, праша Медарски кој тврди дека за овие прашања во обвинението нема никаков доказ.

Во обвинението, кое го товари Верушевски за шпионажа, според Медарски, нема наведено дали податоците требало да бидат предадени на странска држава, организација или лице од странска држава и за која земја конкретно станува збор.
„Тоа е исто како да се подигне обвинение за убиство, а во обвинението да нема кое е лицето кое било лишено од живот“, рече Медарски.

Податоците и документите на Верушевски коишто се предмет на обвинение, според Медарски не се тајни и се јавно достапни.

Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска е обвинета за помагање при шпионажа, односно дека му ги преведувала на англиски документите на сопругот, додека петтообвинетиот Бранко Палифров, вработен во општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.

Обвинителот Златко Биковски, пак, побара Советот да го одобри обвинението, бидејќи според него, постојат доволно докази од коишто може да се донесе осудителна пресуда на за обвинетите.

Судот има дополнителен рок од 10 дена да допнесе одлука, дали ќе го прифати обвинението и ќе закаже судење или ќе го отфрли обвинителниот акт.

Опозицијата веќе неколку месеци со ред објавува аудио снимки од разговори за коишто тврди дека се на функционери на власта, и според опозицијата, го докажуваат криминалот на власта.

Заев, пак, е обвинет дека со овие снимки пред нивното објавување го уценувал премиерот Никола Груевски да се формира преодна влада, доколку сака да не бидат објавени снимките во јавноста.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s